Прочитајте ја Божјата реч: Библијата
- What does this tell you about God?
- What does this tell you about Jesus?
- What does this tell you about people?
- If this is true, what difference would it make in your life?
- Who are five people who you can share your discoveries with?
Лука 6:1-491Еднаш во сабота, додека минуваше низ посевите, учениците Негови кинеа класје и, триејќи ги со раце, јадеа. 2А некои од фарисеите им рекоа: „Зошто го правите тоа што не е допуштено да се прави во сабота?“ 3Исус им одговори и рече: „Зар не сте читале што направи Давид кога огладне, тој и оние што беа со него? 4Како влезе во домот Божји, ги зеде лебовите од жртвеникот, што не требаше да ги јаде никој освен свештениците, па јадеше, и им даде на оние што беа со него!“ 5И им рече: „Синот Човечки е господар и на саботата.“
Човекот со исушена рака
(Мт 12,9-21; Мк 3,1-6)
6Подоцна, пак, и другата сабота влезе во синагогата и поучуваше; а таму имаше еден човек, кому десната рака му беше исушена. 7Книжниците и фарисеите внимаваа на Него, дали ќе го излекува во сабота, за да најдат причина да Го обвинат. 8Но Тој, знаејќи ги нивните помисли, му рече на човекот со исушената рака: „Дигни се и застани насреде!“ И тој се дигна и застана. 9Тогаш им рече Исус: „Ќе ве запрашам: што е дозволено да прави човек во сабота – добро или зло? Да спаси една душа или да ја погуби?“ А тие молчеа. 10Па, откако ги изгледа сите, му рече на човекот: „Протегни ја раката своја!“ Тој направи така; и раката му стана здрава како другата. 11А тие се разгневија многу и се советуваа меѓу себе што да Му направат на Исус.
Исус одбира дванаесет апостоли
(Мт 10,1-4; Мк 3,7-19)
12Тие денови се искачи на една гора за да се помоли, и ја помина целата ноќ во молитва кон Бога. 13А кога настана ден, ги повика учениците Свои и од нив избра дванаесет, кои ги нарече апостоли: 14Симон, кому што му даде име Петар, и брат му Андреј, Јаков и Јован, Филип и Вартоломеј, 15Матеј и Тома, Јаков Алфеев и Симон, наречен Зилот#6,15 Ревнител. 16Јуда Јаковов и Јуда Искариот, кој Го предаде.
Исус и народот
(Мт 4,24-25; Мк 3,7-11)
17Па откако слезе заедно со нив, Тој се задржа на едно рамно место; беа таму и мнозина Негови ученици и многу луѓе од цела Јудеја и Ерусалим и од приморјето Тирско и Сидонско. 18Тие беа дојдени да Го слушаат и да се исцелат од болестите свои, а и оние што страдаа од нечисти духови беа излечени. 19И сиот народ сакаше да се допре до Него, зашто од Него излегуваше сила и ги лекуваше сите.
За блажените
(Мт 5,1-12)
20А Тој, откако ги подигна очите кон учениците Свои, им говореше: „Блажени сте вие, сиромашните, зашто ваше е царството Божјо! 21Блажени сте вие, што сега гладувате, зашто ќе се наситите! Блажени сте вие, кои сега плачете, зашто ќе се смеете! 22Блажени ќе бидете кога ќе ве намразат луѓето и ќе ве отфрлат и ќе ви нанесат срам, и ќе го разгласат името ваше како лошо, заради Синот Човечки! 23Зарадувајте се во оној ден и заиграјте од радост, зашто голема е наградата ваша на небото. Зашто и нивните татковци така постапуваа со пророците! 24Но тешко вам богати, зашто веќе сте ја примиле својата утеха! 25Тешко вам презаситени сега, зашто ќе огладните! Тешко вам што се смеете сега, зашто ќе заридате и ќе заплачете! 26Тешко вам кога ќе почнат сите луѓе да зборуваат добро за вас. Зашто и нивните татковци така им правеа на лажните пророци!
Љубов кон непријателите
(Мт 5,38-48)
27Но вам, што слушате, вам ви велам: љубете ги непријателите свои; правете им добро на оние што ве мразат; 28благословувајте ги оние што ве колнат, молете се за оние што ве навредуваат! 29На оној што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот; а на оној што сака да ти ја земе наметката, подај му ја и кошулата. 30Секому, кој ти бара, подај; од оној што зема од тебе нешто, не сакај да ти врати! 31Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив! 32И ако ги сакате оние што вас ве љубат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците ги милуваат оние што ги сакаат нив. 33И ако им правите добро на оние што вам ви прават добро, каква ви е наградата? Зашто и грешниците го прават истото. 34И ако им дадете заем на оние од кои се надевате дека ќе ви го вратат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците им даваат заем на грешници за да им се врати истото. 35Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто Тој е добар кон неблагодарните и кон лошите.
Милосрдност кон ближниот
(Мт 5,48; 7,1-12; 15,14; 10,24-25; 7,3-5)
36И така, бидете милосрдни како што е милосрден вашиот Отец.“ 37„Не судете и нема да бидете судени, и не осудувајте, за да не бидете осудени; проштавајте и ќе ви биде простено; 38давајте и ќе ви се даде: мерка добра, набиена, натресена и преполна ќе ви дадат в пазуви; зашто со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери.“ 39И им кажа парабола: „Може ли слеп слеп да води? Зарем нема и обајцата да паднат во јама? 40Нема ученик поголем од својот учител; но секој што ќе се усоврши, ќе биде како и учителот негов. 41И зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а гредата во своето око не ја забележуваш? 42Или, како можеш да му кажеш на својот брат: дозволи, брате, да ти ја извадам раската од окото твое, кога сам не ја гледаш гредата во своето око? Лицемере, извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на својот брат.“
Вистинскиот ученик
(Мт 7,16-21; 12,33-37)
43„Зашто, нема добро дрво што дава лош плод, ниту лошо дрво, што дава добар плод. 44Секое, пак, дрво се познава според својот плод; бидејќи не се берат смокви од трње, ниту се бере грозје од капина. 45Добриот човек од добрата ризница на своето срце изнесува добро, а лошиот човек од лошата лошо, зашто неговата уста го зборува она со што му е исполнето срцето.“
Две куќи
(Мт 7,21-27)
46„И зошто Ме довикувате: ‚Господи, Господи!‘ а не го извршувате она што ви го кажувам? 47Ќе ви кажам на кого прилега секој што доаѓа кај Мене, ги слуша зборовите Мои, и ги исполнува. 48Тој прилега на човек кој градел куќа, па копал длабоко, и поставил темели на камен; а кога настана поплава, реката напна на таа куќа и не можеше да ја помести, зашто беше основана на камен. 49А оној што слуша и не исполнува, прилега на човек што изградил куќа на земја, без темели; и кога напна реката, веднаш ја урна, и остана голема урнатина од таа куќа.“