Прочитајте ја Божјата реч: Библијата
- What does this tell you about God?
- What does this tell you about Jesus?
- What does this tell you about people?
- If this is true, what difference would it make in your life?
- Who are five people who you can share your discoveries with?
Лука 8:1-561Потоа Тој одеше по ред градовите и селата, проповедајќи и благовестувајќи го царството Божјо; а со Него беа Дванаесеттемина, 2и некои жени што беа излекувани од демони и болести: Марија, наречена Магдалена, од која беа излегле седум демони; 3и Јоана, жената на Хуза, настојникот Иродов, и Сусана, и многу други, кои им служеа со своите имоти.
Парабола за сејачот
(Мт 13,1-9; Мк 4,1-9)
4А кога се насобра многу народ, и кога жителите од секој град доаѓаа кај Него, рече во парабола: 5„Излезе сејач да сее семе. Додека сееше, едно падна покрај пат и беше изгазено, и птиците небески го исколваа; 6а друго падна на камен, па штом никна, се исуши, зашто немаше влага; 7едно, пак, падна меѓу трње; и израсна трњето, па го задуши; 8а друго падна на добра земја, и кога изникна, донесе стократен плод.“ Откако го рече ова, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“
Зошто служат параболите
(Мт 13,10-17; Мк 4,10-12)
9А учениците Негови Го прашаа, велејќи: „Што значи таа парабола?“ 10Тој рече: „Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо, а на другите ќе им се зборува со параболи, да гледаат, а сепак да не видат, и да слушаат, а сепак да не разберат!
Исус ја објаснува параболата за сејачот
(Мт 13,18-23; Мк 4,13-20)
11А оваа парабола значи: семето е словото Божјо. 12Она што падна покрај патот, се оние кои слушаат, но потоа доаѓа ѓаволот и им го зема словото од срцата нивни, за да не поверуваат и да не се спасат; 13а она на камен – се оние кои, кога ќе го чујат словото, со радост го примаат; но немаат корен и веруваат некое време, па штом дојдат искушенијата, тие се откажуваат; 14тоа, пак, што падна меѓу трње, се оние што го слушаат словото, но откако ќе заминат, се гушат од грижи, богатства и наслади од овој живот и не донесуваат плод; 15а тоа што падна на добрата земја, се тие што го слушаат словото и го чуваат во добро и чисто срце, и донесуваат плод во трпение.“ Штом го рече тоа, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“
Парабола за светлината
(Мт 4,21-25)
16„Никој не ја поклопува со сад свеќата што ја запалил, ниту ја става под легло, туку ја става на свеќник, за да ја гледаат светлината оние што влегуваат. 17Зашто нема тајно што не ќе стане јавно, ниту, пак, сокриено што не ќе се разбере и не ќе излезе на виделина. 18Па затоа: пазете како слушате; зашто, кој има, ќе му се даде; а кој нема, ќе му се одземе и она што мисли дека го има.“
Вистинското семејство на Исус
(Мт 12,46-50; Мк 3,31-35)
19Дојдоа кај Него мајка Му и браќата Негови, и не можеа да се приближат до Него поради народот. 20И Му јавија, велејќи: „Мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да Те видат.“ 21А Тој им одговори и рече: „Мојата мајка и Моите браќа се оние што го слушаат словото Божјо и го исполнуваат.“
Смирување на бурата
(Мт 8,23-27; Мк 4,35-41)
22Еден ден влезе Тој во кораб со учениците Свои и им рече: „Да минеме на другата страна од езерото!“ И појдоа. 23Додека пловеа, Тој заспа. А над езерото се појави силен ветар, па ги плискаше водата и тие беа во опасност. 24Пристапија и Го разбудија, говорејќи: „Учителе, Учителе, загинуваме!“ А Тој, штом се разбуди, им заповеда на ветрот и брановите; и тие се смирија и настана тишина. 25И им рече: „Каде е верата ваша?“ А тие се уплашија и се чудеа, велејќи си еден на друг: „Кој е Овој што и на ветровите и на водата им заповеда и Го слушаат?“
Исцелувањето на човекот измачуван од демони
(Мт 8,28-34; Мк 5,1-20)
26И пристигна во Гадаринскиот крај, спроти Галилеја. 27А кога излезе Тој на суво, Го сретна еден човек од градот, кој беше обземен од демони и долго време не облекуваше алишта, и не живееше дома, туку по гробовите. 28Кога Го виде Исус, викајќи падна пред Него, и гласно рече: „Што сакаш од мене, Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Ти се молам, не мачи ме!“ 29А Исус му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот, зашто долго време го мачеше. Го чуваа во окови, и со ланци го врзуваа, но тој ги раскинуваше оковите и демонот го тераше да оди во пусти места. 30А Исус го праша, велејќи: „Како ти е името?“ Тој одговори: „Легион“, зашто многу демони беа влегле во него. 31И Го молеа Исус да не им наредува да одат во бездната. 32А таму, по ридот, пасеа многу свињи; па Го молеа да им допушти да влезат во нив. И им допушти. 33И откако излегоа лошите духови од човекот, влегоа во свињите; и крдото се стркала низ стрмнината и се удави во езерото. 34Свињарите, кога видоа што се случи, избегаа и раскажаа по градот и околината. 35И излегоа да видат што станало; па кога дојдоа кај Исус, го најдоа човекот, од кого беа излегле нечистите духови, како седи пред нозете Исусови, облечен и со здрав разум; и се исплашија. 36А оние што беа виделе, им раскажаа како се излечи бесомачениот. 37Сиот народ од Герасинскиот крај Го замоли да си оди од нив; зашто се беа уплашиле многу. И Тој влезе во коработ и се врати. 38Човекот, пак, од кого беа излегле демоните, Го замоли да биде со Него; но Исус го отпушти, велејќи: 39„Врати се во домот свој и раскажувај што ти направи Бог!“ Тој си отиде и расправаше по целиот град што му направи Исус.
Чудата со болната жена и со ќерката на Јаир
(Мт 9,18-26; Мк 5,21-43)
40А кога се врати Исус, народот Го пресретна, зашто сите Го очекуваа. 41И ете, дојде еден човек, по име Јаир, кој беше управник на синагогата. Тој падна пред нозете Исусови, и Го молеше да појде во домот негов, 42зашто имаше една единствена ќерка на дванаесет години и таа умираше. А кога одеше Исус, народот се туркаше во Него. 43И една жена, која страдаше дванаесет години од крвавење, и сиот свој имот го беше потрошила по лекари, а ниеден не можел да ја излекува, 44пристапувајќи одзади, се допре до крајот на Неговата облека и наеднаш ѝ престана крвавењето. 45И рече Исус: „Кој се допре до Мене?“ А бидејќи сите порекнуваа, Му рече Петар и оние што беа со Него „Учителе, народот Те опколил и Те притиска, а прашуваш: ‚Кој се допре до Мене?‘“ 46Но Исус рече: „Некој се допре до Мене, зашто сетив дека излезе сила од Мене.“ 47Жената, штом виде дека не може да се сокрие, со треперење пристапи, па како падна пред Него, Му кажа пред сиот народ зошто се допрела и дека веднаш оздравела. 48А Тој ѝ рече: „Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси; оди си во мир!“ 49Додека Тој уште зборуваше, дојде некој откај началникот на синагогата и Му рече: „Ќерка ти умре; не мачи Го Учителот!“ 50Но Исус, штом го слушна тоа, одговарајќи му рече: „Не плаши се! Само верувај и ќе биде спасена!“ 51А кога пристигна во куќата, никому не му дозволи да влезе, освен на Петар, Јован и Јаков, и на таткото и мајката на девојката. 52Сите плачеа и ридаа по неа. Но Тој им рече: „Не плачете, таа не е умрена, туку спие.“ 53И Му се потсмеваа, знаејќи дека е умрена. 54А Тој откако ги истера сите, ја фати за рака и извика, велејќи: „Девојко, стани!“ 55И се поврати нејзиниот дух, и се дигна веднаш, и заповеда да ѝ дадат да јаде. 56И се зачудија родителите нејзини. А Тој им заповеда никому да не кажуваат за тоа што стана.








