Прочитајте ја Божјата реч: Библијата
- What does this tell you about God?
- What does this tell you about Jesus?
- What does this tell you about people?
- If this is true, what difference would it make in your life?
- Who are five people who you can share your discoveries with?
Лука 17:1-371И им рече Исус на учениците Свои: „Доаѓањето на соблазните е неизбежно, но тешко на оној преку кого доаѓаат; 2за него би било подобро да му обесат воденички камен на вратот и да го фрлат в море, отколку да соблазни еден од овие помали. 3Внимавајте на себе. Ако згреши против тебе братот твој, укори го, и ако се покае – прости му. 4И ако седумпати на ден згреши против тебе и седумпати на ден дојде и ти рече: ‚Се каам‘ – прости му.“
Моќта на верата
(Мт 17,20)
5И Му рекоа апостолите на Господ: „Засили ни ја верата!“ 6А Господ им рече: „Кога би имале вера колку синаповото зрно и ѝ речете на онаа црница: ‚Откорни се и пресади се в море!‘ – таа би ве послушала.
Должноста на слугата
7Кој од вас, кога ќе се врати од поле неговиот слуга, кој орал или чувал овци, веднаш ќе му рече: ‚Дојди бргу и седни на трпеза!‘ 8Нема ли да му каже: ‚Приготви ми да вечерам, препаши се и служи ме додека јадам и пијам, а потоа ти јади и пиј!‘ 9Зар ќе му благодари на тој слуга што ја исполнил неговата заповед? Мислам, не. 10Па така и вие, откако ќе исполните сѐ што ви е заповедано, речете: ‚Ние сме слуги бесполезни, зашто го извршивме она што бевме должни да го извршиме.‘“
Исус исцелува десетмина лепрозни
11А кога одеше за Ерусалим, Тој поминуваше меѓу Самарија и Галилеја. 12Кога влегуваше во едно село, Го сретнаа десет лепрозни и застанаа подалеку, 13па со силен глас повикаа: „Исусе Учителе, смилувај се!“ 14Штом ги виде, им рече: „Отидете и покажете им се на свештениците!“ И тие, уште додека одеа, се очистија. 15А еден од нив, кога виде дека е излекуван, се врати и Го прослави Бога гласно; 16и падна ничкум пред нозете Негови, благодарејќи Му. А тој беше Самарјанин. 17Исус, пак, одговори и рече: „Зар не се излекуваа десетмина? Каде се другите девет? 18Зарем не се најдоа да се вратат и другите и да Му воздадат слава на Бога, туку само овој туѓинец?“ 19И му рече: „Стани, оди си! Твојата вера те спаси!“
За доаѓањето на царството Божјо
(Мт 24,23-28, 37-41)
20Запрашан од фарисеите кога ќе дојде царството Божјо, Тој им одговори: „Царството Божјо нема да дојде преку нешто што може да се забележи, 21ниту, пак, ќе може да се каже: ‚Еве, овде е‘ или: ‚Еве, онде е‘. Зашто царството Божјо е во вас внатре.“ 22И им рече: „Ќе дојдат дни, кога ќе копнеете да видите еден од деновите на Синот Човечки, и нема да видите: 23и кога ќе ви речат: ‚Еве Го, овде е‘ или: ‚Еве, онде е‘. – Не одете и не барајте! 24Зашто, како што молњата, кога ќе светне од едниот крај на небото го осветлува и другиот, така ќе биде и Синот Човечки во Својот ден. 25Но, најнапред Тој треба многу да пострада и да биде отфрлен од овој род. 26Како што беше во Ноевите дни, така ќе биде и во деновите на Синот Човечки: 27јадеа, пиеја, се женеа, се мажеа, сѐ до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот, и дојде потопот, па ги погуби сите. 28Исто така, како што беше во Лотовите дни: јадеа, пиеја, купуваа, продаваа, садеа, ѕидаа; 29но во истиот ден, кога излезе Лот од Содом, падна од небото оган и сулфур и ги изгоре сите; 30така ќе биде и во денот кога ќе се јави Синот Човечки. 31Во тој ден, кој е на покрив, а покуќнината му е в куќи, нека не слегува да ја земе; а кој е в поле, исто така, да не се враќа. 32Сетете се на Лотовата жена. 33Кој сака да го спаси својот живот, ќе го погуби; а кој ќе го погуби, ќе го спаси. 34Ви велам: во таа ноќ ќе бидат двајца на една постела: едниот ќе го земат, а другиот ќе го остават; 35две жени ќе мелат заедно: едната ќе ја земат, а другата ќе ја остават.“ 36#17,36 Во некои ракописи е додаден и стихот 36 кој гласи: „Двајца ќе бидат на нива: едниот ќе го земат, а другиот ќе го остават.“ 37И, кога одговорија, Му рекоа: „Каде, Господи?“ А Тој им рече: „Каде што е лешот, таму ќе се соберат и орлите.“








