Прочитајте ја Божјата реч: Библијата
- What does this tell you about God?
- What does this tell you about Jesus?
- What does this tell you about people?
- If this is true, what difference would it make in your life?
- Who are five people who you can share your discoveries with?
Лука 10:1-421Потоа Господ назначи и други седумдесет (и двајца) и ги испрати пред Себе по двајца во секој град и место, каде што и Сам сакаше да оди, 2и им рече: „Жетвата е голема, а работници има малку; затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници за жетвата Своја. 3Одете! Ете, Јас ве испраќам како јагненца среде волци. 4Не носете со себе ни ќесе, ни торба, ниту обувки и никого патем не поздравувајте! 5И во секоја куќа во која ќе влезете, прво кажете: ‚Мир на оваа куќа!‘ 6Па, ако биде таму синот на мирот, вашиот мир ќе почива на него; инаку, тој ќе се врати во вас; 7и во таа куќа останете, јадете и пијте што ќе ви дадат; зашто работникот ја заслужува својата награда. Не преместувајте се од куќа в куќа. 8И во секој град во кој ќе влезете, и ќе ве примат, јадете што ќе принесат пред вас; 9лекувајте ги болните што се во него и говорете им: ‚Се приближи до вас царството Божјо.‘ 10А во кој, пак, град влезете и не ве примат, излезете по улиците негови и кажете: 11‚И правот од вашиот град што се прилепил на нас, ви го истресуваме; но знајте го тоа, дека се приближи царството Божјо.‘ 12Ви велам дека во оној ден на Содом ќе му биде полесно, отколку на тој град.“ 13„Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Зашто, ако во Тир и Сидон се случеа чудата што се случија кај вас, тие одамна, седејќи во вреќи и пепел, ќе се беа покајале. 14Но на Тир и Сидон ќе им биде полесно на Судот, отколку вам. 15И ти, Капернауме, кој си се издигнал до небото, до адот ќе бидеш симнат. 16Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша; и кој се откажува од вас, од Мене се откажува, а кој се откажува од Мене, се откажува од Оној што Ме пратил.“
Седумдесет и двајцата се враќаат
17Се вратија, пак, седумдесет (и двајцата) со радост и велеа: „Господи, во Твое име и демоните ни се покоруваат.“ 18А Тој им рече: „Го видов сатаната како падна од небото како молња! 19Еве, ви давам власт да газите на змии и скорпии, и власт над секоја непријателска сила; и ништо нема да ви наштети; 20но не радувајте се на тоа што духовите ви се покоруваат, туку радувајте се што вашите имиња се напишани на небесата.“
Исус се радува
(Мт 11,25-27; 13,16-17)
21Во тој час се зарадува во Светиот Дух и рече: „Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, зашто си го сокрил ова од мудрите и умните, а си им го открил на малечките. Да, Оче, зашто таква беше волјата Твоја.“ 22Па, откако се сврте кон учениците, им рече: „Сѐ Ми предаде Мојот Отец; и кој е Синот не знае никој, освен Отецот; и кој е Отецот, не знае никој, освен Синот, и – оној кому што сака Синот да му открие.“ 23Потоа се сврте настрана кон учениците, па им рече: „Блажени се очите, кои го гледаат ова што го гледате вие. 24Зашто ви велам: многу пророци и цареви сакаа да видат што гледате вие, и не видоа; и да чујат што слушате вие, и не чуја.“
Љубовта е пат до вечниот живот
(Мт 22,34-40; Мк 12,28-31)
25И ете, стана еден законик и, искушувајќи Го, рече: „Учителе, што треба да направам за да наследам живот вечен?“ 26А Тој му рече: „Што е напишано во Законот? Што читаш таму?“ 27Тој одговори и рече: „Возљуби Го Господ, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој разум; и својот ближен како себе си!“ 28Му кажа пак: „Добро одговори; тоа прави го и ќе живееш.“
Кој е мојот ближен? Парабола за милостивиот Самарјанин
29Но тој, сакајќи да се оправда, Му рече на Исус: „А кој е мој ближен?“ 30Исус му одговори и рече: „Еден човек, додека слегуваше од Ерусалим во Ерихон, западна меѓу разбојници. Тие го соблекоа и го претепаа, и си отидоа, оставајќи го полумртов. 31Случајно во тоа време слегуваше по тој пат еден свештеник и, кога го виде, помина на спротивната страна. 32Исто така и еден левит, кога дојде на тоа место, погледна и премина на другата страна. 33Еден, пак, Самарјанин, кој патуваше, кога дојде до него, го виде и се сожали. 34И кога се приближи, му ги преврза раните, полевајќи ги со масло и со вино. Потоа го качи на добитокот свој, го однесе во гостилница и се погрижи за него. 35А утредента, на кинисување, извади два денарија, му ги даде на гостилничарот и му рече: ‚Погрижи се за него; а ако потрошиш нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам.‘ 36Кој, пак, од тие тројца ти се чини дека му беше ближен на оној, што падна во рацете на разбојниците?“ 37А тој одговори: „Оној што му искажа милосрдие.“ Исус му рече: „Оди и ти прави така!“
Исус кај Марија и Марта
38И додека патуваа, Тој влезе во едно село; една жена, по име Марта, Го прими во својот дом. 39А таа имаше сестра што се викаше Марија. Таа седна до нозете Господови и го слушаше словото Негово. 40Марта беше многу зафатена околу служењето и, кога застана, рече: „Господи, зар не ти е грижа што сестра ми ме остави да служам сама? Кажи ѝ да ми помогне.“ 41А Исус ѝ одговори и рече: „Марто, Марто, ти се грижиш и се вознемируваш за многу работи. 42Но само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе.“








