Прочитајте ја Божјата реч: Библијата
- What does this tell you about God?
- What does this tell you about Jesus?
- What does this tell you about people?
- If this is true, what difference would it make in your life?
- Who are five people who you can share your discoveries with?
Лука 2:1-521Во тоа време излезе заповед од царот Август за попис на сите жители. 2Тоа беше прв попис за време на управувањето на Квириниј со Сирија. 3И отидоа сите да се запишат, секој во својот град. 4Па така и Јосиф, бидејќи беше од Галилеја, од градот Назарет, отиде во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово, 5за да се запише со Марија, неговата свршеница, која беше тешка. 6А кога беа таму, нејзе ѝ дојде времето да роди. 7Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив немаше место во гостилницата. 8Во тој крај имаше пастири, кои ноќеваа таму и го чуваа своето стадо. 9И одеднаш им пристапи ангел Господов и славата Господова ги осветли; и се уплашија многу. 10А ангелот им рече: „Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; 11зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ. 12Ова ќе ви биде знак: ќе најдете повиен Младенец, кој лежи во јасли.“ 13И одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи: 14„Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“ 15Кога си отидоа ангелите од нив на небо, пастирите си рекоа меѓу себе: „Да појдеме во Витлеем и да го видиме претскажаниот настан што ни го соопшти Господ.“ 16И дојдоа брзо и ги најдоа Марија и Јосиф со Младенецот кој лежеше во јасли. 17А штом го видоа, соопштија за претскажувањето што им беше речено за Тоа Дете. 18И сите што слушаа се восхитуваа на она што им го говореа пастирите. 19А Марија ги зачува сите тие зборови, сложувајќи ги во срцето свое. 20И се вратија пастирите, славејќи Го и фалејќи Го Бога за сѐ она што чуја и видоа, како што им беше речено. 21А кога се навршија осум дена и Детето требаше да Го обрезат, Му дадоа име Исус, како што беше наречено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата.
Исусовото претставување во храмот
22И кога се навршија деновите за нивното очистување, според законот на Мојсеј, Го донесоа во Ерусалим за да Го претстават пред Господ, 23како што е напишано во Законот Господов дека секое првородено машко дете треба да Му се посвети на Господ; 24и да се принесе жртва, како што е речено во Законот Господов, две гугутки или две гулапчиња. 25А во Ерусалим живееше тогаш еден човек по име Симеон; и тој човек, кој беше праведен и благочестив, ја очекуваше утехата Израелова; и Светиот Дух беше на него. 26Нему Светиот Дух му беше прорекол дека нема да види смрт, додека не Го види Христос Господов. 27И поттикнат од Духот, дојде во храмот. Па, кога родителите Го донесоа детето Исус за да го извршат со Него она што беше вообичаено, според Законот, 28тој Го зеде во своите раце, Го благослови Бога и рече: 29„Сега го отпушташ Својот слуга во мир, Господаре, според зборот Твој, 30зашто очите мои го видоа спасението Твое 31што си го приготвил пред лицето на сите народи; 32светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израел.“
Претскажувањето на Симеон
33А Јосиф и мајка Му се восхитуваа на она што зборуваше за Него. 34Па ги благослови Симеон и ѝ рече на Марија, мајката Негова: „Еве, Овој е поставен за паѓање и издигнување на мнозина во Израел, и е знак против Кого ќе се говори. 35А и тебе самата, меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца.“
Пророчицата Ана
36Таму беше и пророчицата Ана, ќерката Фануилова, од Асировото племе. Таа беше во поодминати години, а со мажот проживеала само седум години, по моминството свое. 37Таа беше вдовица на околу осумдесет и четири години. Не се оддалечуваше од храмот и Му служеше на Бога со пост и молитва, дење и ноќе. 38Во тој час пристапи и таа и почна да Го слави Господ и им прикажуваше за Него на сите што очекуваа избавување на Ерусалим.
Враќањето во Назарет
39И кога извршија сѐ по Законот Господов, се вратија во Галилеја, во градот свој Назарет. 40А Детето растеше и крепнеше со духот, исполнувајќи се со мудрост; и благодатта Божја беше врз Него.
Дванаесетгодишниот Исус во храмот
41И секоја година родителите Негови одеа во Ерусалим на празникот Пасха. 42А кога Тој беше на дванаесет години, тие отидоа во Ерусалим, според обичајот за празникот. 43Но, кога се завршија празничните денови, додека се враќаа дома, детето Исус остана во Ерусалим; а Неговите родители не го забележаа тоа. 44Мислејќи дека е Тој меѓу сопатниците, изминаа еден ден пат и почнаа да Го бараат меѓу роднините и познатите. 45Па, бидејќи не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат. 46По три дни Го најдоа во храмот како седи меѓу учителите, ги слуша и ги прашува; 47сите што Го слушаа, беа восхитени од Неговата остроумност и од Неговите одговори! 48Кога Го видоа, се зачудија; и Неговата мајка Му рече: „Синко, зошто ни направи така? Ете, татко ти и јас се измачивме, барајќи Те.“ 49А Тој рече: „Што сте Ме барале? Зар не знаете дека Јас треба да бидам во она коешто е на Мојот Татко?“ 50Но тие не ги разбраа зборовите што им ги кажа Тој. 51И Тој слезе со нив, па дојде во Назарет и им беше послушен. А мајка Му ги зачува сите тие настани во срцето свое. 52Исус, пак, напредуваше во мудроста и возраста и во милост кај Бога и кај луѓето.